Македонија

Гусар: Мажите жртви на насилство молчат од срам, институциите ги исмеваат наместо да ги заштитат

Гусар: Мажите жртви на насилство молчат од срам, институциите ги исмеваат наместо да ги заштитат

Иако статистиките на глобално ниво покажуваат дека жените се најчести жртви на семејно насилство, адвокатката Марта Гусар алармира за една друга, скриена реалност во нашето општество – мажите кои трпат насилство, а кои системот одбива да ги препознае и заштити.

Гусар во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ споделува шокантно искуство од својата пракса, каде маж, жртва на насилство, бил принуден да се заклучува во сопствениот дом од страв за сопствениот живот.

„Имав случај каде човекот беше преплашен, спиеше под клуч дома. Кога маж ќе отиде во Центар за социјална работа за да каже дека има проблем, тие не го доживуваат сериозно. Едноставно, кај нас постои бариера во размислувањето дека и маж може да биде жртва“, вели Гусар.

Според адвокатката, причината за малата бројка на пријави од страна на мажите лежи во длабоко вкоренетите општествени предрасуди и нефункционалноста на институциите:

Гусар потенцира дека ако полицијата и центрите честопати не реагираат соодветно за жени, за мажите реакцијата е уште полоша. Постои скептицизам и кај полицијата и кај социјалните работници.

„Кај нас е смеа маж да пријави насилство“, објаснува Гусар, додавајќи дека срамот е главниот фактор што ги принудува мажите да молчат и да трпат, дури и кога во конфликтот се вклучени децата.

Иако официјалните бројки се ниски, Гусар тврди дека реалноста на терен е поинаква. Постојат многу случаи на мажи кои се соочуваат со сериозно насилство во домот, но бидејќи знаат дека ќе наидат на затворени врати и потсмев во институциите, одлучуваат да не го пријават сторителот.

Адвокатката заклучува дека насилството нема пол и дека институциите мора да изградат капацитет за професионална проценка на ризикот за секој граѓанин, без оглед дали станува збор за маж или жена.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни