Адвокатката Марта Гусар во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV отворено говори за влијанието на политиката и моќните познанства врз работата на институциите, особено во случаите каде претходно имало серија пријави за насилство кои завршиле без соодветна реакција.
Гусар посочува дека во конкретниот случај што ја бранува јавноста за семејното насилство врз Ивана и малата Катја, постоела јасна хронологија на аларми – пријави во декември, јануари и февруари. И покрај ова, институциите не направиле никаква проценка на ризикот.
„Ако имаме пријави три месеци по ред, а никој не презема ништо, мора да се запрашаме зошто. Кај нас политиката е влезена во сите сегменти на животот – од семејството до бизнисот. Сметам дека и во оваа ситуација имало некаква заштита на лицето, што е резултат на таа политичка или моќна позадина“, вели Гусар.
Адвокатката се осврна и на неофицијалните информации кои кружат во јавноста, вклучително и обидите за дискредитација на жртвата.
Се шират гласини дека девојката била корисник на психотропни супстанци, но Гусар нагласува дека за ова нема никаква официјална потврда ниту дијагноза. Таа истакнува дека „муабетите од улица“ за блискоста на сторителот или неговите родители со моќни фигури често се покажуваат како клучни за тоа зошто некој не постапил навреме.
Иако како правник е претпазлива со непотврдени информации, Гусар е децидна дека игнорирањето на серија пријави не е случајно. Таа потенцира дека токму „невидливата рака“ на политиката и заштитата на поединци е причината што институциите не знаат (или не сакаат да знаат) што се случува на терен сè додека не биде предоцна.