Сите политички партии да дозволат владеењето на правото да преовлада, бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, истакна еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со премиерот Заев. Рече дека никој не смее да биде амнестиран од целиот процес поради неспособноста да се исполнат одредени рокови во врска со случаите на СЈО и затоа е особено важно и потребно донесување на Законот за јавно обвинителство.
„Во Скопје дојдов да дискутирам за реформите со политичките лидери особено во областа на владеењето на правото како и независноста на судството и потребата за одговорност и би сакал да го потенцирам ова, особено во поглед на последните настани. Сите политички сили треба да се фокусираат на стратегиската цел која што секако е пристапувањето кон ЕУ“, вели Хан.
Премиерот Заев, пак истакна дека самиот случај Рекет, но и неколку други се показател за одлучна борба против криминалот и корупцијата.
„Ова што го спомнавте е дефинитивно борба против криминалот и корупцијата. Случајот Рекет, случајот борба против незаконска продажба на тутун, случајот „шпански скали“ и сите други случаи, покажуваат одличен случај на бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Без разлика до кого ќе водат тие случаи. Дали ќе водат до обвинител, политичар, газда на медиуми или до било кој. Затоа реков не знам никој не може да биде изземен од законот ниту пак да е амнестиран“, рече Заев.
Хан рече дека тој жали што земјава не ги започна преговорите со Европската унија во јуни, но очекува тоа да се случи во октомври. Истакна дека веќе има и позитивни сигнали и од францускиот претседател Макрон , како и од новата претседателка на Европската Унија и дека земјава е на чекор до отворање на преговорите.
„Претседателот Макрон при неговата посета на Белград минатата недела за прв пат потврди дека процесот на пристапните преговори како и натамошната интеграција во ЕУ може и треба да се одвива паралелно. Ова е голем чекор напред. Ја слушнавме и изјаватаа на новиот претседател на ЕУ таа јасно кажа во нејзината изјава во врска со пристапните процеси на Западен Балкан и сметам дека има јасна европска ориентација и разбирање во врска со Западниот Балкан“, истакна Хан.
Еврокомесарот имаше средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со лидерот на ДУИ Али Ахмети како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во соопштението од опозициската партијата велат дека се разговарало за актуелната политичка состојба во која Мицкоски изразил загриженост поради застојот на европските интеграции и недобивањето датум за преговори. „Беше истакнато дека немањето волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството, каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот, се наведува во соопштението по средбата на Мицкоски со еврокомесарот Јоханес Хан.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА