Франција се соочува со нов бран масовни протести, кои денеска прераснаа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Според официјалните податоци на француското Министерство за внатрешни работи, на улиците низ земјата излегле околу 550.000 граѓани, од кои 110.000 во Париз, а најмалку 400 лица се уапсени.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека во текот на саботата биле организирани 110 протестни маршеви низ Франција. Организаторите претходно проценија дека на демонстрациите учествувале околу 800.000 луѓе.
Најжестоки судири биле забележани во Париз, каде што полицијата употребила солзавец и водени топови за да ги потисне демонстрантите. Во областа околу плоштадот Република, групи маскирани лица фрлале пиротехнички средства, камења и други предмети кон полициските службеници.
Особено сериозен инцидент бил пријавен во градот Сент Етјен, каде што млад човек останал без рака по експлозија на граната. Информацијата ја потврди градоначалникот Режис Жуанико, кој изрази поддршка за повредениот и неговото семејство.
Ова е втор ваков случај во последните недели. Претходно, 15-годишно момче останало без рака за време на протестите, по експлозија на полициска шок-граната. Француските власти привремено ја суспендираа употребата на ваквите средства, но министерот Нуњез најави дека повторно може да се користат за време на саботните демонстрации.
Насилствата не биле ограничени само на главниот град. Во Лион била запалена зградата на туристичката канцеларија, додека во Лил и Марсеј дел од демонстрантите насилно влегле во зградите на градските администрации. Немири биле регистрирани и во Монпелје, Тулуз и Рен.
Францускиот претседател Емануел Макрон остро го осуди насилството, порачувајќи дека во Франција нема место за уништување јавен и приватен имот.
Тој предупреди дека лицата одговорни за грабежите и уништувањето ќе бидат кривично гонети и казнети, обвинувајќи ги, како што ги нарече, „сејачите на хаос“ дека го попречуваат правото на мирен протест.
Премиерот Себастијан Лекорну исто така порача дека мирните демонстрации имаат легитимно место во француското општество, но дека подметнувањето пожари, грабежите и нападите се неприфатливи.
Според неговите информации, повеќе од 900 полицајци биле повредени во претходните протести. Истовремено, надзорното тело за работата на полицијата истражува повеќе од 20 пријави за полициско насилство.
Иако дел од протестите прераснаа во судири, во Париз бил одржан и голем мирен марш. Демонстрантите ја пееле француската химна, носеле национални знамиња и протестирале против социјалната нееднаквост и состојбите во образовниот систем.
Меѓу учесниците имало и родители, кои излегле на улиците за да им дадат поддршка на младите. Две жени со ознаки „лути мајки“ изјавиле дека протестираат затоа што се загрижени за иднината на новите генерации.
Бранот незадоволство се проширува и надвор од Франција. Во соседна Белгија, стотици млади луѓе протестирале против зголемените трошоци за образование и најавените реформи. Масовни демонстрации има и во Албанија, каде што протестите се насочени против наводната корупција и недостигот од работни места.