ХАОС ВО УЈП: Граѓаните добиваат опомени за неплатен данок, па извинувања за „технички грешки“

Додека даночните обврзници се во паника поради мејлови за наводни неплатени аконтации, Управата за јавни приходи (УЈП) испраќа нови пораки со кои ги моли граѓаните да ги занемарат претходните известувања.

Технички пропуст или системска нефункционалност? Ова е прашањето што си го поставуваат голем број граѓани откако на нивните електронски адреси пристигнаа контрадикторни пораки од Регионалната дирекција на УЈП Скопје.

Проблемот започна кога УЈП масовно дистрибуираше известувања за наводни неплатени аконтации на данокот на личен доход, заклучно со 15.03.2026 година. Во овие пораки, даночните обврзници беа повикани веднаш да ги подмират долговите или да достават докази за извршена уплата до архивата на УЈП, доколку сметаат дека настанало превид во евиденцијата.

Сепак, само неколку часа подоцна, на истите адреси пристигна нов мејл со наслов „Известување по добиена Опомена“, во кој Управата признава дека настанал проблем.

„Ве известуваме дека при генерирањето на опомените настанат е технички проблем, поради што Ви се извинуваме и Ве молиме истата да не ја земате во предвид“, стои во официјалното соопштение од Контакт центарот на РД Скопје.

Ваквиот аматеризам предизвика револт кај граѓаните, особено кај оние кои веќе почнале да ги пребаруваат своите архиви и уплатници за да докажат дека ги подмириле обврските.

„Ова не е првпат системот на УЈП да ‘закажува’, но стресот што го предизвикуваат со опомени за долгови е недозволив, особено кога станува збор за државна институција која треба да биде пример за прецизност“, вели еден засегнат граѓанин.