Херојот од Австралија проговори: „Мојата цел беше да спречам убивање на невини луѓе“

Човекот кој го разоружа еден од напаѓачите што убија 15 лица на австралиската плажа Бонди проговори за медиумите и откри зошто се одлучил на херојскиот чин.

На снимките што веднаш по нападот се појавија на социјалните мрежи се гледа како Ахмед ал Ахмед, сопственик на продавница од Сиднеј, роден и израснат во Сирија, одзади соборува еден од двајцата напаѓачи и му ја одзема пушката.

Се вчитува...

„Го држам со десната рака и му велам нешто како предупредување – ‘фрли го оружјето, престани со тоа што го правиш’“, изјави новиот австралиски херој за CBS.

Австралиските напаѓачи планирале и вежбале со месеци, полицијата откри како го криеле оружјето

Ахмед, кој се здобил со повеќе прострелни рани од вториот напаѓач, изјави дека неговите постапки „спасиле многу луѓе“, но дека „и понатаму жали за изгубените животи“.

Во интервјуто се присети на моментот кога го соборил Саџид Акрам (50), кој пукал кон учесниците на еврејски настан на плажата Бонди во неделата, на 14 декември.

„Мојата цел беше само да му го одземам оружјето и да го спречам да му го одземе животот на било кого, да не убие невини луѓе“, рече Ахмед.

Петнаесет лица загинаа за време на нападот, најсмртоносната масовна престрелка во Австралија од 1996 година, а уште 40 беа ранети. Полицијата нападот го прогласи за терористички чин насочен против еврејската заедница. Саџид Акрам беше убиен во престрелка со полицијата, додека неговиот син Навид, вториот осомничен кој беше хоспитализиран по нападот, во меѓувреме е обвинет за 59 кривични дела, меѓу кои 15 убиства и извршување терористички напад.

Ахмед опиша што му минувало низ глава непосредно пред да тргне во акција – моменти што властите и политичарите подоцна ги оценија како клучни за спасување на многу животи.

„Емотивно, правев нешто – чувствував некаква сила во телото и умот. Не сакав да гледам како луѓе умираат пред моите очи, не сакав да гледам крв, да слушам истрели, да слушам луѓе како вриштат и молат за помош. Душата ми рече да го направам тоа“, изјави Ахмед.

Неколку дена по престрелката, на Ахмед во болничкиот кревет му беше врачен чек од донирани 2,5 милиони австралиски долари (1,7 милиони американски долари), собрани од граѓани трогнати од неговиот чин. Тој се здобил со повеќекратни прострелни рани во рамото при соборувањето на Саџид Акрам и морал да помине најмалку три операции.