Во кругот на Општата болница во Кочани свечено беше откриена биста посветена на Илчо Гоцевски, во знак на вечна благодарност и почит кон неговото херојско дело.
Гоцевски засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Кочани и целата држава како симбол на несебичност, храброст и огромна хуманост.
За време на катастрофалниот пожар во поранешната дискотека „Пулс“, тој беше човекот кој неуморно ги превезуваше повредените млади лица до медицинскиот центар, давајќи сè од себе за да помогне во спасувањето на човечките животи во тие драматични моменти.
Поставувањето на неговата биста токму во дворот на Општата болница носи силна симболика. Тоа е местото кон кое тој неуморно возеше за време на трагичната ноќ, надевајќи се на спас за секој еден повреден. Ова спомен-обележје ќе служи како траен потсетник за идните генерации за пожртвуваноста на еден обичен граѓанин кој во најтешките мигови стана вистински херој.
