ИЈЗ: 767 случаи на грип во деветтата недела, бројот на заболени се намалува

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирал 767 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија во деветтата недела од 2026 година, од 23 февруари до 1 март.

Како што информираше директорката на Институтот, Марија Андоновска, тоа е намалување од 31,1 процент во однос на претходната недела, а бројот е за 20,4 проценти понизок во споредба со просекот од последните 15 сезони.

Андоновска истакна дека во изминатите недели се забележува континуиран тренд на опаѓање на бројот на заболени.

„Во последните недели се забележува тренд на намалување на бројката и можеме да кажеме дека регистрираната инциденца е во рамки на ниската активност“, рече Андоновска на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.