Илија Димовски не се плаши од притвор, за „Титаник“ на Груевски ќе му се суди во отсуство

На денешното рочиште за случајот Титаник, Судскиот совет одлучи на екс премиерот, Никола Груевски да му се суди во отсуство. Одлуката следува откако тој избега во Унгарија, за да не ја одлежи казната затвор од две години за случајот „Тенк“.

Меѓу другите обвинети е и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој на прашањата на новинарите за случајот „Талир“ изјави дека ќе коментира кога ќе го види обвинението. А за прашањето за мерката притвор за него, Димовски негираше со гестикулации.

Се вчитува...

На рочиштето присуствуваше и екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и обвинетиот Кирил Божиновски, кои беа донесени со лисици од затворот во Шутка, каде ја одлежуваат мерката притвор од 30 дена, како превентива од бегство. За овој предмет на СЈО, рочиштето продолжи со преслушувањето на „бомбите“ на Јанакиески, од 7 април, за време на вториот круг од локалите изборим во 2013 година. Според прислушуваните материјали, Јанакиески од изборните штабови побарал имиња и презимиња за тоа кој излегол на гласање. Во другиот телефонски разговор, тие го информираат дека му испратиле список од вработените на ЈСП, Градски паркинг, Водовод, средните училиште и болниците, жалејќи се дека имаат малкумина од ЈП „Паркови и зеленило“.

Миле Јанакиески со соговорникот Н.Н.

Н.Н: Миле, овој Шема се слика со 17 наши бабички со шамии.

М.Ј: Е ако де, нека, се слика, ќе го објавиме на Фејсбук. Битно е вечер ќе славиме на Плоштад, а Игор-Шема колку сака нека се сликa. Ти кај си бе?.

Н.Н:  „Јас сум во МВР. Контролираме”.

М.Ј: „Слабо контролирате. Стискај!”

Екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, во прислушуваниот  разговор, ден по изборите му вели на Јанакиески дека Албанците победиле во сите гласачки места каде има мешано население. Јанкулоска му вели дека за Куманово повторно имаат план како да го победат „Циц“ кандидат на СДСМ.

„Ќе уништиме 10 гласачки места во Куманово и Албанците ќе бидат фатени за гуша, и ниту еден од нив да не смее да излезе да гласа во третиот круг“, вели Гордана Јанкулоска – екс министер за внатрешни работи во прислушкуваните разговори.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и до сега се преслушани над 800 „бомби“ презентирани од СЈО. По бегството на Никола Груевски, освен домашните медиуми, заинтересираност има и од странските медиуми за предметите на СЈО во кои обвинет е екс премиерот. Со полициска придружба, пред Кривичен суд денеска пристигнаа и неколку комбиња со унгарски медиуми.

РЕПОРТЕР: АДНАН ЌАИЛИ

Извор: ТВ21