Стотици демонстранти се собраа вечерва пред француската и британската амбасада во Техеран по бомбардирањето на болницата во Газа, јави фотограф на АФП од иранската престолнина.
Палестинското исламистичко движење Хамас, кое го контролира Појасот Газа, го обвини Израел за нападот. Израелската војска соопшти дека е обвинета групацијата Исламски џихад, сојузник на Хамас, за која израелската војска вели дека по грешка испукала ракета што ја погодила болницата.
„Смрт за Франција и Англија“, скандираа демонстрантите во Техеран, гаѓајќи ги со јајца ѕидовите на француската амбасада. Протестите завршија мирно во 03:00 часот по локално време. Претходно неколку илјади луѓе се собраа на плоштадот Палестина во центарот на Техеран за да го изразат својот гнев.
Израел и САД немаат амбасади во Техеран, бидејќи не одржуваат дипломатски односи со Иран, забележува АФП.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска го прогласи за ден на жалост и предвиде дека нападот врз болницата ќе се сврти против Израел и неговиот американски сојузник.
„Пламенот од американско-израелските бомби паднати вечерва врз палестинските жртви повредени во болница /…/ во Газа наскоро ќе ги зафати ционистите“, рече Раиси, цитиран од новинската агенција ИРНА. „Иран е во жалост“, додаде тој.
Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан во објава на мрежата Х повика на „светско единство“ против Израел, „режим узурпирачки поомразен од Исламската држава“.