Македонија

Илјадници пациенти плаќале двапати за операција на очи, ФЗО оштетен за 1,7 милиони евра

Илјадници пациенти плаќале двапати за операција на очи, ФЗО оштетен за 1,7 милиони евра

Голема полициска акција откри сомнежи за милионски финансиски злоупотреби во приватна очна болница во Скопје. Според истрагата, меѓу 3.000 и 4.000 пациенти биле оштетени преку двојна наплата на здравствени услуги, додека штетата врз буџетот на Фондот за здравствено осигурување се проценува на околу 1,7 милиони евра.

Кривични пријави се поднесени против 11 лица и една приватна здравствена установа, а осум лица се приведени. Меѓу осомничените е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.

Според МВР, сомнителните активности биле овозможени преку договор склучен во 2020 година меѓу тогашни раководни лица во Фондот и претставници на приватната болница.

Со внесување невистинити податоци во електронскиот систем и изготвување фактури со лажна содржина, болницата, според сомнежите, наплаќала исти операции и од ФЗО и директно од пациентите.

На граѓаните, покрај законската партиципација, им била наплаќана и приватна цена за интервенциите, без да бидат информирани дека трошоците веќе се покриваат преку Фондот.

Истражителите се сомневаат дека во периодот од 2022 до 2025 година здравствената установа се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра.

Случајот бил откриен по контроли иницирани во периодот кога Сашо Клековски раководел со Фондот. Според него, станува збор за здравствена установа кај која со години биле утврдувани повторливи неправилности, без соодветно санкционирање.

Истрагата опфаќа и сомнежи дека одговорни лица во ФЗО ги прикривале неправилностите, ги одложувале контролите и не преземале мерки за наплата на изречените казни, со што било овозможено исплатите кон болницата да продолжат.

Постојат и сомнежи дека дел од спорните средства биле внесувани во редовниот платен промет на установата и користени за исплата на плати, набавки и други трошоци.

Со полициската акција и поднесените кривични пријави се отвора прашањето за одговорноста на поранешните функционери, контролата врз приватните здравствени установи и заштитата на пациентите од незаконска наплата.

Истрагата продолжува, а кривичната одговорност на осомничените допрва треба да биде утврдена во соодветна судска постапка.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни