Илјадници протестираа во Истанбул барајќи да се затворат организациите кои ги штитат правата на ЛГБТ заедницата и да се забранат нивните активности, објави Асошиејтед прес.
Вчерашните демонстрации, наречени од организаторите „Големата семејна средба“, беа најголеми од ваков вид во Турција.
Куршат Микан, портпарол на организаторите, рече дека се собрани повеќе од 150.000 потписи со барање за нов закон за забрана на, како што ја нарекуваат, ЛГБТ пропагандата. Оваа пропаганда, велат тие, се шири преку Нетфликс, социјалните медиуми, уметноста и спортот.
Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше: „Заштитата на семејството е прашање на национална безбедност“.
ЛГБТ маршевите не се дозволени во Турција од 2015 година, забележува АП.
Пред демонстрациите во недела, организаторите објавија видео со снимки од минатите геј паради во Турција.
Видеото и демонстрациите предизвикаа бес кај здруженијата кои ги бранат правата на ЛГБТ заедницата и другите групи за човекови права. Организаторите на Истанбул Прајд повикаа да се забрани протестот, како и видеото, бидејќи тие поттикнуваат омраза.
Организацијата ИЛГА Европа, која работи на поддршка на правата на ЛГБТ заедницата, на Твитер напиша дека е крајно загрижена бидејќи постои ризик од насилство.
„Турската држава мора да ја исполни својата уставна обврска да ги заштити сите свои граѓани од омраза и насилство“, се вели во соопштението.