Илон Маск поставува билборди во Земјината орбита? – тие ќе го „демократизираат универзумот“

Откако создаде мрежа од сателити за Интернет, Илон Маск планира да продолжи со комерцијализација во орбитата на Земјата.

Имено, извршниот директор на SpaceX се здружи со канадскиот стартап Geometric Energy Corp (GEC) за да постави реклами во вселената.

Маск ќе финансира стартап со цел да создаде сателит кој ќе функционира како билборд во ниската орбита на Земјата, а планот е следната година да се испрати овој сателит во вселената со ракетата на СпејсИкс – Фалкон 9, пишува сајтот Gadget360.

Кога ќе ја заземе својата позиција, огласите ќе му бидат испратени безжично од Земјата, а сателитот ќе се вика CubeSat и ќе има голем екран на кој ќе се прикажуваат реклами.

Се разбира, овие реклами нема да бидат видливи од земја. Кога ќе се стават во орбитата, рекламите на сателитот ќе се снимаат со камера поставена на еден вид „селфи стап“ што ќе биде прикачена на CubeSat, пренесува PC Press.

Видеото од таа камера ќе се пренесува во живо на различни платформи, како што се YouTube или Twitch. Ова ќе овозможи секој да ја види содржината прикажана на сателитскиот екран.

Основачот на Geometric Energy Corp сака да го „демократизира универзумот“ на овој начин, дозволувајќи им на сите да се рекламираат во него.

За да го овозможи ова, тој смисли автоматски систем за резервација и прикажување огласи, кој се базира на пет токени. Секој од токените дефинира одреден аспект на рекламата – осветлување, бои, X и Y координати на екранот, како и времето кога ќе се прикаже рекламата.