Македонија

Има снимки од состаноците на Боки 13 со сведокот, сè уште не е изврешено вештачење на мобилниот на Јанева

Со кого се слушнала Катица Јанева пред да и го одземат телефонот и дали имало обид да се приведе и таа во понеделникот? Од Јавното обвинителство велат дека се уште се работи на вештачењето на нејзиниот телефон, но и дека не се точни пишувањата дека имало налог за приведување на Јанева. До обвинителството упативме и прашања

ТВ21 – Дали е веќе извршено вештачење на телефонот на Катица Јанева?

ОЈО – Не, се уште не извршено вештачењето.

ТВ21 – Дали се пронајдени разговори на Јанева со Боки 13?

ОЈО – Тоа во овој момент не може да се потврди од причина што тие дејствија се во тек, од кои што треба да се утврдат повеќе факти

ТВ21- Каде се јавила Јанева пред да и го земат телефонот?

ОЈО – Се уште не е утврдено, се уште се работи

ТВ21 – Дали постојат видео снимка на која се гледа како Боки 13 е на состанок со сведокот од овој случај и потоа телефонски и се јавува на Јанева и ја вклучува и неа во разговорот со сведокот?

ОЈО – Обвинителството може само да потврди дека поседува видео снимки, но за содржината не можат да се споделат детали.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција на новинарско прашање дали Јанева во понеделникот пред да и го одземат телефонот разговарала со поранешен висок дипломат и висок функционер од Владата, рече дека тој не се слушнал со Јанева.

„Може да прочитаме се и сеште. Јас можам да кажам за себе дека не сум се слушнал со Катица Јанева. Јавното обвинителство рече дека е отидено во нејзиниот дом е земен само телефонот не е правен претрес за да видат дали постои конекција односно докази за нејзина инволвираност или соучесништво со првоосомничениот или е навистина само злоупотребена во оваа работа“, изјави Зоран Заев – премиер.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ во меѓусебни препукувања и обвинувања за вмешаност во случајот.

„Дали Јанева не доби притвор само поради тоа што Зоран Заев лично ја штити? Дали е точно дека Јанева во домот на првообвинетиот и во присуство на висок функционер на СДСМ ги договара обвиненијата на СЈО и како натаму да се постапува со нив?“, изјави Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на СДСМ Костадинов пак со прашања лично до Мицкоски.

„Дали со еден од осомничените во случајот на кој што му е одредена мерка притвор имал неколку средби од кој едната средба била во една позната скопска дискотека а другите средби биле одржувани во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ. И второто прашање дали Христијан Мицкоски посегнал по крвавите пари на еден од обвинетите од случаите кои ги отвори СЈО“, праша портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Инаку Заев на денешната прес конференција рече и дека бизнисмени на кои им бил баран рекет се пожалиле кај премиерот Зоран Заев и тој ова лично го пријавил во јавното обвинителство, но не сакаше да прецизира дали токму Орце Камчев му се пожалил.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни