Македонија

Имаат ли протокол Заев и Пендаровски? „Функционерите немаат комуникациска стратегија“, вели Пачемски

Гаф, пропуст на протоколот или намерна грешка за привлекување внимание. Високи државни функционери, а најмногу премиерот Заев и претседателот Пендаровски доживеаја бројни критики, особено на социјалните мрежи. Првиот поради снимениот телефонски разговор со двајцата руски комичари, за кој мислел дека се Порошенко и Столтенберг, а вториот поради обраќањето со „Љубави како си ми“ на буарскиот премиер Бојко Борисов на самитот во Сараево.

Заев призна дека наседнал на шегата на руските комичари, се извинуваше, додека од кабинетот на Пендаровски се уште нема никаков став.

Се поставува прашањето дали во кабинетите на премиерот и претседателот постојат лица кои се грижат за нивните јавни настапи и дали воопшто постојат и се придржуваат до она што се нарекува протокол.

Експертот за односи со јавноста, Гоце Пачемски, вели дека треба да постојат правила, стратегија и јасно пропишани процедури, во однос на тоа како да се комуницира со луѓе, политичари и различни групи.

Од друга страна, пак, министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека се застарени моделите на строго прочитување на протокол и водење записници за секоја комуникација помеѓу високите функционери. Како што вели тој, тоа е пракса која се применувала во минатиот век. Премиерот Заев, пак, не планира да го смени начинот на комуникација со неговите колеги од европа и светот.

Пачемски додава дека иако и политичарите се обични луѓе како сите, сепак треба да внимаваат на нивното однесување, бидејќи се јавни лица и ја претставуваат земјата и граѓаните. Треба да знаат во кој момент да се однесуваат формално, а кога неформално.

РЕПОРТЕРКА: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни