Откако во јуни Швајцарската фудбалска асоцијација (SFV) ја поддржа кандидатурата за нов мандат на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино (кој е со швајцарско потекло), таа сега ја повлече таа поддршка по одлуката на својот извршен комитет. „Швајцарската фудбалска асоцијација очекува највисоки стандарди на транспарентност, отчетност и институционална одговорност од раководството на ФИФА“, изјави претседателот на SFV, Петер Кнабел.
Кнабел – поранешен функционер во германскиот клуб „Хамбургер СВ“ и спортски директор на „Шалке 04“ – наведува дека тековната кандидатура на Инфантино за претседател на ФИФА не може да се оправда. „Клучните прашања во врска со позадината, отчетноста и процесите на носење одлуки остануваат неодговорени. Бидејќи тие не се убедливо разјаснети, не можеме да ја оправдаме понатамошната поддршка за кандидатурата на Џани Инфантино“, рече тој.
Инфантино под огромен притисок
Одлуката на извршниот комитет уследи по повторната анализа на настаните од изминатите неколку месеци, се наведува во соопштението на SFV. Инфантино се соочи со силен притисок во текот на летото, особено во врска со плановите за вклучување приватни инвеститори во натпреварувањата на ФИФА, вклучително и Светското првенство.
Овој 56-годишник се соочува и со остри критики во други делови од светот поради неговиот стил на раководење. Изборите за претседател на ФИФА се закажани за март следната година. Засега, Инфантино останува единствениот кандидат.