Кетеринг-компанијата „Рустика Вединг Хол“ повторно ја стави во функција својата кујна, откако конечните инспекциски и лабораториски наоди потврдија дека нивната храна не е причинител за масовното труење на вработените во прилепската компанија „Микросам“.
Според официјалното соопштение од компанијата, анализите спроведени од надлежните институции покажале дека во кујната, работните простории и примероците од храна не се утврдени никакви санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци.
„Дополнително, лабораториските анализи на примероците од храната не утврдија присуство на бактерии или друга контаминација, што потврдува дека не се констатирани отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност на храната и важечките законски прописи“, потенцираат од „Рустика Вединг Хол“.
Целосна соработка со институциите и жалење за настраданите
Од компанијата изразуваат искрено жалење за непријатностите со кои се соочија работниците кои пријавија здравствени тегоби и се надеваат дека сите засегнати се веќе во добра здравствена состојба. Тие нагласуваат дека од самиот почеток на случајот постапиле транспарентно и одговорно, прифаќајќи ја привремената забрана за работа во согласност со Националниот протокол за постапување при сомневање за труење со храна.
За време на процесот, компанијата целосно соработувала со Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Центарот за јавно здравје – Прилеп, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„Веруваме дека во интерес на јавноста е институциите целосно да го расветлат случајот и да го утврдат вистинскиот причинител и извор на контаминацијата. Остануваме целосно отворени за соработка и подготвени да обезбедиме каква било дополнителна поддршка на органите“, додаваат од кетеринг-компанијата, истакнувајќи дека продолжуваат со работа со истата посветеност на квалитетот и континуирано инвестирање во високите стандарди.
Потсетување: Што се случи во „Микросам“?
Случајот ја вознемири јавноста неодамна, откако десетици вработени во прилепската компанија „Микросам“ пријавија здравствени тегоби по консумирање на обезбедениот оброк.
Според податоците од Центарот за јавно здравје – Прилеп, од вкупно 61 вработен во првата смена кои го јаделе оброкот, кај 41 лице се појавиле симптоми на труење. Од нив, 27 работници побарале медицинска помош на Инфективното одделение во прилепската болница.
Пациентите имаа средно тешка клиничка слика, проследена со покачена телесна температура, мачнини, дијареа и болки во стомакот. По добиената амбулантска терапија, никој не беше задржан на болничко лекување.
По пријавата, надлежните служби веднаш извршија вонредни инспекциски надзори и како превентивна мерка ги затворија кујната на кетеринг-компанијата и трпезаријата во фабриката, сè до добивањето на денешните конечни резултати кои ја ослободија „Рустика“ од сомнежите. Надлежните допрва треба да утврдат од каде точно потекнува изворот на заразата.