Исламската Република Иран денеска соопшти дека е изведен напад врз американски борбени авиони во воена база во Јордан, додека размерите на штетата засега не се познати, јавува агенцијата Мехр.
Според наводите на иранските медиуми, цел на нападот била воздухопловната база Ал Азрак, која се смета за еден од најважните стратешки командни и оперативни центри на американските сили во Западна Азија.
Иранската армија воедно ја повтори подготвеноста за одбрана на суверенитетот на земјата и за одговор на заканите. Извештаите за нападот беа објавени, како што наведува Скај њуз, неколку часа откако претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф изјави дека силна национална кампања во земјата обединила околу седум милиони граѓани подготвени да земат оружје и да го бранат Иран.
„Ако дојдете по нашиот дом, ќе се соочите со целото семејство, подготвено и решително“, порача Калибаф.
Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари наутро го нападнаа Иран во, како што беше соопштено, „превентивни напади“, до кои дојде по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранската нуклеарна програма.
Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.