Иранските власти уапсија 30 лица под сомнение дека им доставувале безбедносни информации на Израел, објавија денеска локалните медиуми, додека продолжуваат американско-израелските напади врз цели во Иран.
Според Ројтерс, во северозападниот дел на Иран се уапсени 20 лица обвинети дека им доставувале информации на израелските сили за ирански воени и безбедносни локации.
Во североисточниот дел на Иран, кој генерално останал нетрогнат од воените напади, агенцијата Тасним извести за апсење на 10 лица поради сомневање дека давале информации за чувствителни локации и економска инфраструктура.
Безбедносните служби на Иранската револуционерна гарда соопштија дека „ционистичките непријатели и САД се обидуваат да извршат инвазија на Иран, а истовремено активираат платеници и шпиони за да предизвикуваат немири како следен чекор“.
Британската агенција ги цитираше извештаите на студентската новинарска мрежа дека три лица се притворени во западната провинција под обвинение за нарушување на јавниот ред.
Израел почнал да ги таргетира безбедносните контролни пунктови врз основа на дојави од информанти на теренот, што претставува нова фаза на нападите врз Иран, изјави оваа недела за Ројтерс извор запознаен со израелската воена стратегија.
