Иранските вооружени сили изведоа масовни напади врз американската воена инфраструктура во државите од Персисискиот Залив. Овој жесток одговор следеше откако силите на САД претходно извршија удари врз јужните крајбрежни и источните ирански провинции, со што целосно се урна примирјето што траеше едвај три недели.
Додека иранските медиуми јавуваат за експлозии низ јужниот дел на земјата, вклучително и околината на клучната нуклеарна електрана, тензииве кулминираа токму на денот кога во Иран беше погребан убиениот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи.
Армијата на Иран потврди дека како одмазда лансирала проектили кон американските одбранбени системи „Патриот“ во Кувајт, кон станица за рано предупредување во Катар и кон воено складиште за гориво во Бахреин. Кувајтските власти соопштија дека пресретнале една крстосувачка ракета, три балистички проектили и десет дронови, при што едно лице било повредено од паѓачки шрапнели. Истовремено, сирени се огласија и во Јордан, каде беа пресретнати осум проектили. Револуционерната гарда подоцна прецизира дека цел била и воената база Азрак во Јордан, која активно ја користат американските сили, како и американски воен команден центар на Блискиот Исток.
Судирот дополнително ескалираше по нападите врз катарски и саудиски трговски бродови оваа недела, по што американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи прекинот на огнот за завршен. Централната команда на САД (СЕНТКОМ) соопшти дека американските сили погодиле 90 ирански воени цели, меѓу кои системи за противвоздушна одбрана и складишта за дронови. „Ова е одмазда за вчерашното иранско бомбардирање на бродови. Ако се повтори, ќе биде многу полошо!“, порача Трамп на својата платформа Трут Соушл. Неможноста на САД одлучно да го окончаат овој судир станува сериозен извор на фрустрации за администрацијата на Трамп, имајќи предвид дека Републиканската партија се соочува со меѓуизбори во ноември, во услови на високи цени на горивата и незадоволство кај гласачите.
Според иранските државни медиуми, во американските напади загинале 14 лица, а 78 биле повредени низ пет провинции. Новинската агенција Фарс пренесе дека бил погоден и клучен железнички мост што се користи за трговија со Русија и Кина. Посебна загриженост предизвика веста од Бушер, каде се наоѓа нуклеарната електрана изградена со руско учество; локални власти потврдија дека американски проектил го погодил периметарот на овој нуклеарен објект, кој и пред априлското примирје беше мета на напади.
Воениот судир се одвиваше паралелно со масовните погребни поворки во Иран. Погребот на ајатолах Али Хамнеи, кој беше убиен на 28 февруари во американско-израелски воздушен напад, беше извршен во неговиот роден град Мешхед. Џеназата доцнеше неколку часа бидејќи американските сили претходно уништија железнички мостови на североистокот, прекинувајќи го патничкиот сообраќај од Техеран. На самиот погреб се собра огромна маса луѓе, а во кругот на светилиштето беа забележани транспаренти со пораката: „Ќе го убиеме Трамп“.
Додека дипломатските напори на Турција, Оман и Пакистан се обидуваат да ја смират состојбата, фокусот останува на Ормускиот теснец, низ кој поминува петтина од светската понуда со нафта. Морнарицата на Револуционерната гарда презеде контрола врз овој пловен пат, го забави сообраќајот и дозволува транзит само на бродови што користат рути определени од Техеран, пренесуваат медиумите. Од Иран порачуваат дека секоја нова интервенција на САД ќе предизвика погубен одговор. „Ормускиот теснец повторно ќе се отвори само според ирански услови, а не под американски закани“, изјави главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф.
Во меѓувреме, цените на нафтата на светските пазари остануваат високо волатилни, додека инвеститорите со загриженост проценуваат дали станува збор за привремено разгорување или за целосен и неповратен колапс на примирјето.