Свет

Ирански танкери со милиони барели нафта излегоа од блокадата во Ормускиот Теснец

Ирански танкери со милиони барели нафта излегоа од блокадата во Ормускиот Теснец

Најмалку три ирански танкери со речиси пет милиони барели сурова нафта го напуштиле подрачјето на блокадата во Ормускиот Теснец, што е прво вакво движење од почетокот на конфликтот меѓу САД и Иран пред речиси два месеца.

Според податоците на компанијата „Кплер“ (Kpler), два супертанкери под санкции на САД, „Диона“ и „Херо 2“, пренеле вкупно 3,8 милиони барели иранска нафта. Трет танкер поврзан со Иран превезувал дополнителни еден милион барели.

Аналитичарите сметаат дека ова може да биде првиот знак за постепено нормализирање на сообраќајот, откако САД и Иран во понеделникот потпишаа меморандум за разбирање со кој треба да се стави крај на речиси четиримесечната војна. Официјалното потпишување на договорот е предвидено за петок во Женева.

Се очекува ублажување на санкциите

Деталите од договорот засега не се објавени, но се очекува повторно отворање на Ормускиот Теснец и олеснување на американските санкции врз иранскиот извоз на нафта.

„Волстрит журнал“ објави дека Вашингтон по потпишувањето на договорот би можел веднаш да му овозможи на Иран продажба на нафта и гориво, во замена за ограничување на нуклеарната програма.

Пред војната, Ормускиот Теснец беше една од најважните светски поморски рути, низ која минуваше приближно една петтина од глобалната трговија со нафта. За време на конфликтот, сообраќајот речиси целосно беше прекинат поради американската поморска блокада на иранските пристаништа и ограничувањата за бродовите поврзани со земји што Техеран ги смета за противници.

Бродските компании внимателни и покрај оптимизмот

Можноста за повторно отворање на пловниот пат поттикна дел од бродските компании да започнат со пренасочување на танкери кон Персискиот Залив, очекувајќи зголемена побарувачка за транспорт на нафта.

„Нивното излегување од блокадата покажува дека и други танкери што превезуваат иранска нафта се подготвуваат за продолжување на трговијата“, изјави Мишел Визе Бокман, аналитичарка во компанијата „Винворд“ (Windward).

Сепак, најголем дел од компаниите остануваат претпазливи. „Лојдс лист интелиџенс“ (Lloyd’s List Intelligence) наведува дека бродската индустрија ги следи вестите за договорот со „внимателно неверување“, а не со ентузијазам.

Осигурителните компании и понатаму ги задржуваат високите премии за воен ризик и бараат докази дека пловидбата низ Ормускиот Теснец долгорочно ќе биде безбедна.

Над сто танкери чекаат премин

Според проценката на „Кплер“, дури 118 танкери натоварени со нафта би можеле да го напуштат регионот во рок од 15 дена по потпишувањето на договорот.

Компанијата „Винворд“ наведува дека десетици големи танкери веќе тргнале од Јужното Кинеско Море кон пристаништата во Обединетите Арапски Емирати, каде најмалку 30 од нив се закотвени и ја чекаат разврската.

Засега сообраќајот низ Ормускиот Теснец останува минимален, бидејќи двете страни ги задржаа постојните мерки до официјалното потпишување на договорот во петок.

„Ништо не е променето и нема да се промени додека договорот не биде потпишан“, изјави Тим Вилкинс од здружението на независни танкерски компании „Интертанко“ (Intertanko).

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни