Иако партиските раководства сѐ уште не одлучија, сепак двајцата пратеници од владината коалиција СДСМ-ДУИ, Мухамед Зеќири и Артан Груби, почнаа да ги иронизираат имињата за кандидат за Претседател на државата. Пратеникот на СДСМ во својот Фејсбук статус пишува дека на ДУИ требало и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ да го предложи за Претседател.
„Консензуален кандидат за ДУИ да ти биле Денко Малевски, Лазе Еленовски па дури и Владо Поповски, не знам зошто на оваа листа не го додадат и Влатко Ѓорчев ?!!…“, вели Мухамед Зекири – пратеник на СДСМ
Брзо потоа уследи и реакција од пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Тој вели дека домашните проблеми не можат да се решат, покажувајќи со прст кон соседот.
„Една наша поговорка вели дека детето кажува сѐ што се случува дома. Домашните проблеми не можеш да ги решиш покажувајќи со прст кон соседот“, вели Артан Груби – пратеник од ДУИ.
Вицепремиерот, Бујар Османи вели дека чека конкретни предлози на имиња кои ќе излезат од вечерашниот состанок на СДСМ. Тој останува на ставот дека двајцата коалициони партнери треба да настапат со заеднички кандидат.
„Откако ќе дојдат со предлог-имиња, ние тогаш ќе седнеме и ќе видиме кој може да биде прифатлив, а кој не. Но, како и да е, ние остануваме на идејата дека кандидатот за овие избори треба да биде заеднички меѓу најголемата македонска и најголемата албанска партија“, вели Бујар Османи – вицепремиер.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сѐ уште не излезе со конкретно име за кандидат за Претседател. Првиот човек на партијата, Христијан Мицкоски, рече дека ќе го поддржи кандидатот кој ќе биде избран од страна на партијата на Конвенцијата на 16-ти февруари. Познато е дека до партијата стигна кандидатурата на Влатко Ѓорчев. Можно е Алијанса за Албанците и Движењето Беса да излезат со заеднички кандидат.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ