Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста со законите на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година. Со извршената ревизија на основната буџетска сметка утврдени се сериозни слабости во евидентирањето и трошењето на државните пари.
Исчезнат инвентар и хаос во евиденцијата
Ревизорите утврдиле дека пописот на средствата и обврските на крајот од 2024 година бил нецелосно спроведен.
Се вчитува...
- Дури 28% од вкупните основни средства, чија сегашна вредност се проценува на над 1,5 милиони денари (25.360 евра), воопшто не биле пронајдени при пописот.
- Поради невоспоставена пракса за издавање реверси на вработените, исчезнати се 30 преносни компјутери.
- За дури седум моторни возила не постои никаква сметководствена и материјална евиденција.
- Министерството не знае кој му должи околу 34.000 евра (2.102.000 денари) по основ на побарувања од вработени од периодот 2012-2020 година, бидејќи не располага со документација за тоа кое лице должи и колкав е износот.
Плати за 150 лица без доказ дека доаѓале на работа
Сериозни неправилности се нотирани и во делот на човечките ресурси и исплатата на плати.
- Од вкупно 244 вработени во Министерството, за дури 150 лица (61% од вработените) се исплаќала плата без да се обезбеди доказ дека биле присутни на работа и дека одработиле полно работно време.
- Станува збор за вработени по Потпрограмата К5 (соодветна и правична застапеност) и преведувачи.
- Апсурдот е поголем со оглед на тоа што Министерството имало воспоставено електронска евиденција на работното време, која очигледно не се применувала за овие лица.
Злоупотреби со гориво и сомнителни фактури за сервис
Во однос на јавните набавки, ревизијата открива фрапантни податоци за начинот на кој се трошеле јавните средства.
- Точење гориво на туѓи возила: Потрошени се 516 илјади денари за гориво без воопшто да се контролираат регистарските таблици. Ова овозможило да се полни гориво на возила кои не се на Министерството, па дури и да се точи течен нафтен гас, кој воопшто не бил предвиден во договорот за набавка.
- Нереални цени на тендерите: Комисиите прифатиле понуди со невообичаено ниски цени (0,01 денар за 1 работен час за сервис на возила и 0,01% провизија за угостителски услуги) без воопшто да побараат објаснување од понудувачите.
- Напумпани фактури: При сервисирањето на возилата, биле фактурирани делови кои не постоеле во тендерската листа, цените за дел од ставките биле неколку пати повисоки од прифатените, а кон фактурите не биле доставени ниту работни налози како доказ за извршената услуга.
