Доказите кои денеска СЈО ги презентираше на рочиштето за предметот Титаник беа аудио снимки на две новинарки, Наташа Стојановска и Сашка Цветковска, кои во текот на едно новинарско истражување откриле изборни нерегуларности. Тие на телефон се претставуваат како вработени во Контакт центарот на ВМРО-ДПМНЕ, и ги прашуваат анкетираните дали гласале за ВМРО-ДПМНЕ, кој ги ставил на списокот на лица за кои се очекува да гласаат за оваа партија и дали знаат што треба да им кажат на претставниците на ОБСЕ, МОСТ и другите институции, доколку тие ги прашаат дали некој побарал од нив да ги стави на списокот на доверливи гласачи.
Во поголемиот дел од телефонските разговори, анкетираните знаат претходно кој ги ставил на список и признаваат дека гласале за ВМРО-ДПМНЕ. за овие докази реагираше одбраната. Петар Василевски рече дека овие снимки се незаконски и побара од судското тело да не се земат во предвид. Презентирањето на доказите беше прекинато бидејќи меѓу обвинетите е и Мунир Пепиќ, кој требаше да се појави на рочиштето за „27 април“, каде исто така е обвинет. Освен него, во случајот Титаник обвинети се и екс-премиерот Никола Груевски, кој е во бегство, екс-министрите Миле Јанакиевски и Гордана Јанкуловска, и Кирил Божиновски, Билјана Бришковска, Илија Димовски и 13 други лица. следното рочиште за „Титаник„ е одложено за 22 јануари.