Повеќе од дозволениот број на посетители биле во диско-клубот во италијанскиот град Кориналдо, каде што синоќа во стампедо загинаа шест лица, од кои пет малолетници. Од Министерството за внатрешни работи на Италија соопштија дека имаат сознанија дека во моментот на несреќата, бројот на посетители бил повеќе од максимално дозволениот, а исто така се проверува и зошто некои излези за евакуација не работеле, како што претходно изјавија очевидци.
„Инспекторите веруваат дека бројот на посетители бил повеќе од максимално дозволеното. Недозволиво е на овој начин да гинат на 14-годишна возраст“, рече Министерот за внатрешни работи Матео Салвини.
Петмина тинејџери меѓу 14 и 16 години се жртвите, како и една 39-годишна жена, мајка на еден од децата кои биле во клубот.
Трагедијата се случила во 1 часот кога непознато лице почнало да фрла непозната супстанца, по што настанала паника и почнале да бегаат. Присутни во диско клубот дадоа исказ дека успеале да стигнат до излезите за евакуација, но тие биле затворени и им било наредено да се вратат назад. Тоа резултирало со уште поголеми турканици.
