Иванов го потпиша законот за амнестија, законот за јазици и преспанскиот договор се уште во фиока

Претседателот Иванов го потпиша Законот за амнестија, кој веднаш беше објавен во Службен весник. Од друга страна два закона кои претходно беа усвоени во Собранието, Законот за јазиците и Законот за ратификација на Преспанскиот договор и понатаму се во фиоката на Иванов. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека со ова шефот на државата го прекршува Уставот.

„Овде имаме злоупотреба на службената должност од страна на претседателот на државата кој одбива да стави потпис по второто гласање со мнозинство гласа од вкупниот број на пратениците. Според Уставот, тој е обврзан да го потпише овој декрет, но одбива да ја врши оваа уставна обврска, и затоа не прифатил да го ферификува законот. Тој оди и подалеку и не потпишува ратификација на договорот со Грција, нешто што за него веќе се претвори во пракса за прекршување на Уставот“, изјави Талат Џафери – Претседател на Собранието.

Се вчитува...

Правниот експерт, Насер Зибери,вели дека Иванов има селективен пристап кога станува збор за законите кои произлегуваат од Собранието. Според него, законот за амнестија е дискутабилен, а претседателот на државата е политички контаминиран.

„Потпишувањето на декретот за Законот за амнестија, кој навистина е дискутабилен, е факт дека претседателот Иванов е политички и партиски контаминиран и затоа и го потпишал декретот за стапување на сила на законот. Иванов со ова докажа дека има селективен пристап, кога е во прашање одобрување на законите кои произлегуваат од Собранието. Неговиот пристап е под политичко влијание. Непотпишувањето на декретите за Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Преспанскиот Договор, јасно зборува за тоа дека Иванов не сака да ги почитува Уставот, Законите и владеењето на правото“, рече Насер Зибери – правен експерт.

Иако Законот за јазиците два пати беше изгласан во Собранието, Иванов одби да го потпише. Истото го направи и со Преспанскиот договор. Договорот за името, меѓу Грција и Македонија беше ратификуван од Собранието во јуни годинава. За него гласаа 69 пратеници.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ

Извор: ТВ21