Македонија

Ивановска: Трагедијата во Кочани откри системски слабости во институциите

Ивановска: Трагедијата во Кочани откри системски слабости во институциите

Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, остро критикуваше застареност и нефункционалност на институциите во земјата, посочувајќи дека трагедијата од 16 март во Кочани е сериозен сигнал за потребата од системски промени.

Во гостување во емисијата Ноќно Студио на 4ТВ.мк, Ивановска истакна дека надлежните институции не реагирале на претходните анализи и препораки за неправилности. Таа го потенцираше примерот со скопски кафулиња, каде што по инспекциски надзори требало да бидат затворени, но останале отворени поради влијание на „центри на моќ“.

„Ме погоди трагедијата на 16-ти март во Кочани. Имавме истражувања и анализи, покажавме на јавна седница и испративме препораки до соодветни институции, но никому ништо. Отсуството на реакција покажува дека се нема вреднувано вложениот труд, а тоа е доволен сигнал дека се потребни сериозни промени“, изјави Ивановска.

Таа нагласи дека без редовни контроли, вонредните интервенции немаат ефект и дека единствената суштинска измена во последната година е донесувањето закон за забрана на пиротехника. Во останатите сегменти, според неа, нема напредок.

„Зарем треба да изгори некој па да имаме вонредни контроли? Ако системот функционира како што треба, тогаш нема потреба од вонредни мерки“, додаде Ивановска.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни