Македонија

Избрани раководните тела на Алијанса за Албанците, одлуката за преговори со Влада, допрва ќе се разгледува

Избрани раководните тела на Алијанса за Албанците, одлуката за преговори со Влада, допрва ќе се разгледува

Членовите на раководните тела на Алијанса за Албанците се избрани на денешното, тековно централно собрание што се одржува во Куманово, но одлука за влез во Владата сè уште не е донесена, соопшти претседателот на АА, Арбен Таравари. Партиските членови заминаа на пауза и ќе продолжат со разгледување на дневниот ред до попладневните часови.

Зијадин Села е избран за претседател на централното собрание, за генерален секретар е Кренар Лога, организациски секретар е Исен Шабани. Едно место оставено е за Тетово кое допрва ќе го избира претставникот од огранокот, наредната недела. Трите потпретседатели се Елми Азири, Илире Даути и Бујаре Абази.

Таравари рече дека на состанокот ќе се разгледаат одредени правилници за функционирање на централното собрание, на ограноците, на подограноците.

– Сега продолжува, кратка пауза за членовите на централното собрание да ги прочитаат правилниците коишто се договорени меѓу нас, веќе се дебатирани. Меѓутоа уште еднаш пред да донесеме конечна одлука за функционирање и на централното и на ограноците и на централното претседателство, уште еднаш да ги разгледаат материјалите. За Владата ќе биде последна точка, каде прво ќе реферирам за тоа што, какви, средби сум имал, какви пораки имам од сите тие со коишто сум се сретнал, да дебатираме и да видиме каква одлука би донеле заедно, изјави Таравари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни