Македонија

Изгаснат големиот пожар над Штип

Изгаснат големиот пожар над Штип

Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите и доброволците, големиот пожар што вчера попладне го зафати ридскиот предел над Штип е целосно изгаснат, соопштија утрово од Дирекцијата за заштита и спасување.

Огнената стихија избувнала во подрачјето над викенд-населбите Плуждино и Новакова Чешма, а според првичните информации причината најверојатно е удар од гром. Поради сувата вегетација и временските услови, огнот брзо се проширил кон ридовите над градските гробишта, зафаќајќи тревна површина и нискостеблеста вегетација.

Во акцијата за гаснење биле вклучени екипи од повеќе градови. Учествувале 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Штип со четири возила, 10 членови на Доброволното противпожарно друштво Штип со исто толку возила, како и пожарникари од Кочани и Свети Николе. Поддршка дале и 12 доброволни пожарникари со сопствени теренски возила.

Поради непристапниот терен, во интервенцијата биле користени специјални теренски возила, а пожарот се заканувал да се прошири кон борови појаси, лозови насади и овоштарници во околината.

Густ чад и пламените јазици во текот на вечерта беа видливи од речиси сите делови на Штип, предизвикувајќи загриженост кај граѓаните.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, информираше дека во пожарот нема повредени лица и не се зафатени станбени објекти. Опожареното подрачје било под постојан надзор во текот на ноќта, а надлежните служби денеска ќе вршат проценка на евентуалната материјална штета и ќе ги утврдуваат точните причини за избувнувањето на пожарот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни