Изборите за градоначалник на Општина Брвеница се одвиваат без поголеми проблеми, а до 11 часот на гласање излегле 1.480 граѓани, односно 9,11 проценти од запишаните избирачи. Според Државната изборна комисија (ДИК), излезноста е малку повисока во споредба со локалните избори во октомври минатата година.
Претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, на прес-конференција во просториите на Општинската изборна комисија во Брвеница информираше дека гласањето започнало навреме, во 7 часот, на сите избирачки места.
Маричиќ, заедно со уште четворица членови на ДИК, ја посети општината и обиколи шест избирачки места за да го следи текот на изборниот процес.
Тој посочи дека избирачкиот материјал бил навреме доставен, а членовите на избирачките одбори биле соодветно обучени. При посетата, како што рече, не биле забележани поголеми застои или посериозни проблеми во гласањето.
„Се уверивме во редовниот и регуларен тек на гласањето, барем на тие шест избирачки места каде што бевме, а такви се и извештаите од сите места. Нема поголем застој. Има поединечни обиди за повторно читање на апаратите кај гласачи чии отпечатоци не се препознаваат веднаш, но гласањето се одвива без поголеми проблеми“, изјави Маричиќ.
Според податоците на ДИК, до 11 часот излезноста изнесува 9,11 проценти, додека на локалните избори во октомври 2025 година во истиот период таа била 8,34 проценти. Тогаш гласале 1.346 граѓани, наспроти 1.480 гласачи на денешното гласање.
Маричиќ посочи дека најголем број гласачи се евидентирани на избирачкото место 2033, сместено во основното училиште до општинската зграда во Брвеница, каде што гласале 166 лица. На избирачкото место 2034 гласале 151 лице, а на 2035 – 128 гласачи.
Најмала излезност, според податоците што ги презентираше, е забележана на избирачкото место 2046 во Гургурница, каде што до 11 часот гласале 12 лица.
Претседателот на ДИК потсети дека е активирана и бесплатна телефонска линија преку која граѓаните можат да добијат информации и одговори на прашања поврзани со остварувањето на избирачкото право.