Израел уапси новинар и снимател на CNN за време на пренос во живо

Полицијата во Тел Авив приведе двајца новинари на CNN Турк кои известувале во живо пред воената команда на ИДФ „Кирија“.

Станува збор за репортер и снимател, кои снимале во близина на локацијата по новиот ракетен напад што Иран го изврши врз Тел Авив и други централни подрачја на Израел.

За време на директниот пренос, двајца мажи кои изгледале како војници им пришле на новинарите и му го одзеле телефонот на репортерот.

Полицијата соопштила дека примила дојава за двајца осомничени со камери кои во реално време снимале за странски медиумски канал.

Новинарот и снимателот биле приведени на распит.

Бурханетин Дуран, директор на Турската дирекција за комуникации, го осуди апсењето како напад врз слободата на медиумите и најави дека се преземаат чекори за ослободување на новинарите.

– Уште еден напад на Израел врз медиумите со цел да се сокрие вистината. Ги преземаме потребните чекори за да обезбедиме итно ослободување на нашите колеги новинари – изјави турскиот шеф за комуникации Бурханетин Дуран.