Според Северна Кореја, нејзината битка со КОВИД-19 постигнала импресивни резултати: околу 3,3 милиони луѓе се пријавени со симптоми на треска, но само 69 починале, објави Асошиетед прес.
Ако сите овие пациенти имаат коронавирус, ова е стапка на смртност од 0,002% – нешто што ниту една друга земја, вклучително и најбогатите, не успеала да го постигне против болест која убила повеќе од 6 милиони луѓе. Сепак, наводите на Северот беа дочекани со широко распространета недоверба околу две недели откако ја призна првата внатрешна појава на КОВИД-19. Експертите велат дека сиромашниот Север треба да има многу поголема стапка на смртност од пријавената, бидејќи има многу малку вакцини, голем број неухранети луѓе, недостиг од единици за интензивна нега и тестови за откривање на вирусот.
Северна Кореја не дава многу информации за тоа што се случува во земјата, па тешко дека аутсајдерите ќе можат да го потврдат нивото на зараза. Некои набљудувачи велат дека Северот го намалува бројот на загинати за да го заштити лидерот Ким Џонг Ун од критики. Исто така, можно е да го преувеличува бројот на заразени во обид да ја зајакне контролата над 26-милионското население.
Севернокорејските државни медиуми денеска објавија за 100.460 лица со симптоми на треска и еден смртен случај, пренесе Ројтерс. Претставниците на севернокорејската влада ќе земаат примероци од вода во реките и езерата, воздухот, ѓубрето и отпадните води за присуство на коронавирусот во услови на засилени напори во земјата за борба против ширењето на Ковид.
Најверојатно, Северна Кореја наскоро ќе прогласи победа над КОВИД-19, можеби на политички состанок во јуни, и сите заслуги ќе ги припише на раководството на Ким, коментира АП. Набљудувачите велат дека 38-годишниот лидер е очаен да добие поголема поддршка од јавноста додека се бори со тешки економски тешкотии предизвикани од затворањето на границите, санкциите на ОН и неговото лошо управување.
