Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ направи паралела помеѓу неговите почетоци во 2000-та година и денешната состојба во општината, порачувајќи дека неговите наследници добиле комплетно уреден систем кој може да функционира без напор.
Јакимовски се потсети на времето кога Карпош се соочувал со сериозни инфраструктурни проблеми – од населби кои пливале во вода при секој дожд, до делови од општината кои воопшто немале канализација ниту улично осветлување.
„Замислете го Карпош во 2000-та година. Секое ‘Маврово’, секое ‘Влае’ пливаше во вода. Немаше канализација во Бардовци, во Нерези, во високите делови на Козле. Денес, канализација има секаде, улиците се реконструирани, а општината ја оставив со 1.200.000 евра на сметка и без никаков долг. Денес да одиш на работа во Карпош е како со хармоникаш позади тебе – со песна“, вели Јакимовски.
Еден од највпечатливите моменти во неговото излагање беше фактот што од неговите 16 години поминати како прв човек на општината, дури 13 години поминал во опозиција на централната власт и на градоначалникот на Скопје.
Јакимовски смета дека вистинскиот квалитет на еден градоначалник се гледа токму тогаш – кога треба сам да обезбеди приходи и да реализира проекти без помош од власта.
„Ако немаш менаџерски квалитети, кога власта е контра тебе, ќе бидеш како хипнотизиран. Мојот успех и четирите меѓународни награди не се резултат на пропаганда, туку на работа во тешки услови.“, вели тој.
Јакимовски посочи дека денес општината е „укалапена“ во законски рамки и има исклучително обучени служби во делот на финансиите и јавните набавки. Според него, администрацијата е толку добро поставена што може да функционира на „автоматски пилот“.
Тој се осврна и на социјалниот момент, истакнувајќи дека притисокот од граѓаните за вработување е драстично намален во споредба со минатото.
„Порано дневно ми доаѓаа по неколку луѓе кои ме молеа за работа на своите деца, кажувајќи дека сум им последна надеж. Сето тоа го преживував во себе. Денес, таа функција е многу порелаксирана“, заклучи тој.