Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, не штедеше зборови за да ги демантира оправдувањата на актуелното раководство во општината. Тој детално објасни дека административните процеси не се прашање на лична желба, туку на строга законска рамка.
Коментирајќи ги наводите дека градоначалникот наводно одбива да потпише одредени документи за да си го зачува рејтингот, Јакимовски беше дециден – тоа е административно невозможно ако сè е според законот.
„Тоа е чиста измислица. За да добиете градежна дозвола, мора да постои Генерален план и Детален урбанистички план каде точно пишува што може да се гради. Ако имате парцела и маркица, во одредбите точно стои колку квадрати се дозволени. Што е тоа што тој ‘не сака’ да потпише? Не постои такво нешто ако документацијата е чиста“, појаснува Јакимовски.
Јакимовски смета дека главниот проблем не се законите, туку неспремноста на поединецот да се соочи со обемната правна материја и секојдневните маки на граѓаните. Тој повлече паралела со претходната кариера на неговиот наследник во приватниот сектор.
„Мислам дека на неговото претходно работно место ангажманот бил минимален. Фирмата била направена да добива државни тендери, тие биле добро платени и работата била релаксирана. Општината е нешто сосема друго. Граѓанското право е опширна материја. Не можеш за секое прашање да ги викаш службите. Првите два месеци можеш така, но потоа мораш самиот да навлезеш во проблематиката.“, вели Јакимовски.
Според Јакимовски, суштината на проблемот во Карпош во моментов е бегањето од одговорност и неспособноста да се менаџираат разните барања на луѓето кои доаѓаат во општината.
„Човекот едноставно не е подготвен да се носи со секојдневните проблеми. Ова е одговорна работа која бара концентрација, а не политички изговори за неработење“, заклучи тој.