Јанакиески негира дека планирал бегство и бара да се брани од слобода: Јас и Груевски не сме исти

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски ги отфрлија обвинувањата на Специјалното обвинителство дека планирале да избегаат од државата дека токму тоа била нивната причина за разговор со претседателот Ѓорге Иванов во Вила водно. Воедно демантираат дека имаат жиро сметки во други држави.

Двајцата екс-функционери во Владата на Груевски, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, денеска од Апелациониот суд побараа да им биде укината мерката притвор, за што презентираа и свои аргументи. Каква одлука ќе донесе Судот, ќе се дозне по два дена.

Специјалната обвинителка, Лиле Стефанова, во судската сала рече дека екс-министерот Јанакиески на 13-ти ноември годинава се подготвувал да ја напушти државата, исто како екс-премиерот Никола Груевски. Вели дека информациите ги добила од Управата за безбедност и контраразузнавање. Јанакиески пак, вели дека тоа се измислици и дека немал намера да бега.

„Јас и Груевски не сме едно исто. Не сакам да бидам жртва поради неговото бегство. И уште нешто, јас сум најголемата жртва на масовното прислушување. Но, не само мојот, туку и телефонот на мојата сопруга бил прислушуван“, вели Јанакиески.

Јанакиески во текот на неговата одбрана рече дека е подготвен да потпише доживотен затвор, но само доколку Обвинителството докаже дека има сметки во странство. Во однос на средбата со Претседателот Иванов, Јанакиески не негираше дека се сретнал со првиот човек на државата. Сепак, вели дека разговарале за последните политички случувања и дека средбата немала никаква врска со некакво бегство.

И вториот обвинет, поранешниот генерален секретар во претходната Влада, Кирил Божиновски, се бранеше од истите обвинувања. Тврди дека немал намера да избега, не разговарал со Претседателот, ниту со посредник, и дека нема никаква сметка надвор од Македонија. Побара да му се укине мерката притвор. Одбраната на двете страни, нагласи дека притворот без претходно известување е кршење на законот и европската Конвенција за човековите права.

Сепак, обвинителката Стефанова, рече дека мерката притвор е изречена согласно Законот и дека е аргументирана, па затоа побара од апелационите судии да се одбие барањето на обвинетите за укинување на мерката притвор.

Инаку, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, два дена по бегството на Никола Груевски, на барање на СЈО, беа спроведени во притвор под сомнение дека планираат да избегаат од земјата, со цел да избегнат кривична одговорност, како нивниот поранешен шеф Груевски.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното