Учениците ќе останат во училишните клупи до предвидениот крај на полугодието. Министерката за образование Весна Јаневска денеска ги отфрли шпекулациите за предвремен зимски распуст поради енормното загадување, порачувајќи дека мора да се напушти практиката на скратување на наставата.
При посетата на УКИМ, Јаневска истакна дека до распустот има уште малку денови и дека во моментов нема информации дека здравјето на учениците е сериозно загрозено. Таа направи и паралела со европските практики која веројатно ќе предизвика дебата меѓу родителите.
Министерката беше остра во ставот дека учениците не се преоптоварени и дека наставата не треба да трпи.
„Жал ми е што мора да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава сѐ додека нивното здравје не е загрозено. Ова го велам поради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се“, изјави Јаневска.
Таа додаде дека мора да се искоренат „негативните појави“ од минатото.
„Би било проблем, како што во минатото се случуваше, да ги скратуваме учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор или за да се подготват за писмена работа. Овие појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме“, заклучи министерката.
Оваа изјава доаѓа во исто време кога Министерството за животна средина (МЖСПП) објави дека епизодата со алармантно загадување е прекината.
Според податоците од мерните станици за вчерашниот ден (22.12.2025), концентрациите на ПМ10 честичките паднале под прагот од 150 mg/m3 во Скопје и Струмица.
Со тоа, мерките и препораките престануваат да важат, вклучувајќи го и ослободувањето од работа на бремените жени, хронично болните и лицата над 60 години, кои беа воведени на 19 декември.
