Македонија

ЈАНЕВСКА ГИ ОТФРЛИ ОБВИНУВАЊАТА ЗА „СТИВ НАУМОВ“: Не се рушат ѕидови и не протекуваат покриви

ЈАНЕВСКА ГИ ОТФРЛИ ОБВИНУВАЊАТА ЗА „СТИВ НАУМОВ“: Не се рушат ѕидови и не протекуваат покриви

Министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека студентскиот дом „Стив Наумов“ е во добра состојба и дека обвинувањата за сериозни проблеми по реконструкцијата не ја отсликуваат реалноста. Таа денеска изврши увид во објектот, по што порача дека сите евентуални технички недостатоци ќе мора да бидат отстранети од изведувачот, бидејќи домот сè уште е под гаранција.

Јаневска ги отфрли тврдењата на СДСМ дека во домот се рушат ѕидови, протекуваат покриви и има сериозни проблеми со инфраструктурата. Според неа, студентите престојуваат во современ и реновиран објект, кој бил изграден од австриска компанија во соработка со Европската Унија.

„Денес видов дека СДСМ држеше прес. Партија синоним за лицемерство, која рече дека е со студентите. Еве како СДСМ во негово време беше со студентите. Во овие услови живееа студенти во времето кога тие беа со студентите. Вие видовте како оваа Влада е со студентите. Имавте можност да влезете во домот и да видите“, изјави Јаневска.

Министерката посочи дека и европските претставници го оцениле објектот како еден од најмодерните студентски домови на Балканот.

Во однос на поплаките за технички недостатоци, таа рече дека кај новоизградени објекти може да се појават одредени проблеми, но нагласи дека тие ќе бидат санирани во рамки на гаранцијата.

„Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат покриви или дека се случува нешто друго, не е точно. Вие сами видовте“, изјави министерката.

Јаневска упати апел до семејствата на студентите да не подлегнуваат на обидите, како што рече, на политичките партии и други злонамерници да предизвикаат вознемиреност.

Претходно денеска, Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) повторно реагираше за условите во „Стив Наумов“. Од таму побараа зголемување на субвенционираниот студентски оброк на 200 денари дневно, како и обезбедување достоинствени услови за сместување.

Претседателката на СДММ, Стефанија Кузмановска, оцени дека состојбата во домот се влошува и покрај неодамнешната реконструкција. Таа тврдеше дека по проблемите со протекување вода и греењето, се расипал и бојлер, но дека нема повредени лица.

Од СДММ прашаа дали ова се условите во домот од А-категорија што претходно ги најавувале министерката Јаневска и премиерот Христијан Мицкоски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни