Вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од современото образование, но нејзината примена мора да биде внимателна и одговорна. Ова беше една од главните пораки на денешната панел-дискусија „Училницата на иднината: вештачката интелигенција, знаењето и новата улога на наставникот“, организирана во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека Владата и Министерството за образование имаат цел да ја воведат вештачката интелигенција во секојдневниот живот на учениците и наставниците, но со почитување на етичките принципи.
„Секоја нова технологија носи бројни придобивки, но и одредени ризици, затоа мораме да пристапиме внимателно“, порача Јаневска.
Таа нагласи дека без разлика на технолошкиот напредок, наставниците остануваат незаменлив дел од образовниот процес и заслужуваат целосна доверба и почит.
На настанот се обрати и младиот математичар Македон Димитровски, кој неодамна освои два златни медали на Германската математичка олимпијада. Тој посочи дека конкуренцијата била најсилна досега, со над 110.000 учесници во почетната фаза и околу 1.000 финалисти.
„Особено сум среќен што освоив два медали – еден на ‘Математички предизвик’, а вториот за прво место лауреат“, изјави Димитровски.
Професорот Сашо Коцески од Универзитетот „Гоце Делчев“ истакна дека наставниците се срцето на образовниот систем, бидејќи покрај знаење пренесуваат и емпатија, вредности и мотивација.
Професорот Бранислав Геразов од ФЕИТ информираше дека во изминатите шест месеци биле обучени 1.300 наставници за примена на вештачката интелигенција во наставата. Според него, целта е преку интерактивни квизови, игри и современи алатки да се подобри наставниот процес и интересот кај учениците.
