Владата во моментов нема донесено одлука за зголемување на минималната плата на 600 евра и засега не планира да го прифати ова барање, изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, во гостувањето на ТВ21.
Тој појасни дека какви било промени би зависеле исклучиво од консензус во Економско-социјалниот совет помеѓу синдикатите, работодавачите и државата. Наместо административни интервенции, Јанкуловски потенцираше дека пазарот на труд и продуктивноста се клучните фактори за висината на примањата.
„Во овој момент дефинитивно решение за зголемување на минималната плата нема. Добриот и продуктивен работник има добра плата“, истакна тој, додавајќи дека бизнис-секторот веќе се соочува со недостиг на кадар, што природно влијае врз платите.
Според заменик-министерот, позитивен тренд веќе се забележува кај просечната плата во земјава, која според последните податоци достигнала околу 48.000 денари.