Јанкуловски смирува: Трезорот не е затворен, пари има – сите исплати ќе течат до 31 декември

Сите буџетски корисници, граѓани и општини кои чекаат исплати од државата можат да бидат мирни. Трезорот функционира непречено и ќе врши плаќања секој ден, заклучно со 31 декември. Ова го истакна заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, демантирајќи ги шпекулациите за наводен финансиски крахили затворање на државната каса.

Во своето гостување на ТВ21, Јанкуловски беше дециден дека ликвидноста е стабилна и дека државата ќе ги реализира сите преземени обврски до крајот на годината.

Што се исплаќа?

Според заменик-министерот, во моментов тековно и без застој се исплаќаат:

  • Плати и социјални надоместоци;
  • Регрес за годишен одмор (К-15);
  • Блок-дотации кон општините;
  • Останати тековни трошоци и обврски кон агенциите.

„Трезорот работи и ќе продолжи да работи најнормално, како и сите институции, до 31 декември 2025 година. Со начинот на кој сега функционира Трезорот и со навремените исплати, јасно покажавме дека нема никаков застој“, изјави Јанкуловски.

„Рокот 15 декември беше технички, а не клуч на врата“

Јанкуловски ги разјасни и дилемите околу дописот до институциите за доставување на налози до 15 декември, што беше искористено од опозицијата за критики. Тој појасни дека станува збор за чисто организациски потег, а не за недостаток на средства.

„Целта беше до 15 декември да ги достават налозите за плаќање, за Трезорот навремено да може да ги испланира сите расходни ставки. Сè друго, приказните за затворање на Трезорот, дека нема да има пари или дека ќе настане финансиски застој, беа пласирани од страна на опозицијата“, рече тој.

Очекувани приливи до крајот на месецот

Министерството за финансии очекува стабилно полнење на буџетот и во последните денови од годината. Според даночниот календар, се очекуваат значајни приливи од:

  • Данокот на додадена вредност (ДДВ) кој доспева на 25 декември;
  • Данокот на добивка;
  • Социјалните придонеси, кои ќе бидат зголемени бидејќи голем дел од компаниите во овој период исплаќаат бонуси и регреси за своите вработени.

Целта на Министерството е годината да се заврши со реализација на приходите и расходите според планираното, а буџетскиот дефицит да остане во предвидените рамки.