„Република Македонија е единствената држава во Европа во која се води постапка против најголемата опозициска партија и во која што политичкиот прогон станува основен начин на делување на власта.
Република Македонија е единствената држава во Европа каде што поранешни функционери се испраќаат во притвор врз основа на фабрикувани службени белешки, а се носат пресуди какви што ќе нарача премиерот кој што три пати претходно е аболициран за тежок криминал.
Република Македонија е земја во која што се делат откази само заради укажување на лошите политики на актуелната власт.
Последниот пример е отказното решение со кое што му е прекинат работниот однос на Цветан Трипуновски, државен советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Цветан Трипуновски е избркан од работа само заради тоа што е член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и заради тоа што во име на партијата јавно изразуваше сомнеж дека актуелната политика на власта оди на штета на земјоделците.
Цветан Трипуновски е избркан од работа бидејќи на 24-ти август укажал дека повеќе од 20.000 тони сливи скапуваат, а земјоделците се соочуваат со егзистенцијална криза и побарал откупна цена од 12 денари за килограм. Цветан Трипуновски е избркан од работа бидејќи на 19-ти септември укажал на штетата од изјавите за производство и продажба на ГМО ориз без конечни анализи.
Ова го нема ниту во најмрачните и најдиктаторски држави. Се брка човек од работа со апсурдно образложение дека бил главен наратор на прес конференција и како претставник на политичка партија нанесува директна штета врз угледот на институцијата и ја поткопува довербата во администрацијата.
Вистината е една. Оваа криминогена власт е неспособна да направи било што позитивно. Аболицираниот Заев и неговиот послушник министерот Љубчо Николовски го клекнаа земјоделието на колена и го урнаа стандардот на земјоделците“, вели Јанушев.
