Јапонија денеска објави дека ги заострува санкциите против Русија по последниот бран руски ракетни напади во Украина, пренесува Ројтерс.
Токио ја проширува својата листа на стоки на кои им е забранет извоз во Русија и ги замрзнува средствата на руските претставници и организации.
Одлуката беше донесена откако вчера во руските ракетни напади во Украина загинаа најмалку 11 лица.
„Со оглед на ситуацијата околу Украина и во име на напорите на меѓународната заедница да обезбеди мир, Јапонија ќе спроведе забрани за извоз, а со тоа ќе ги синхронизира своите акции со оние на другите големи земји“, се вели во соопштението на јапонското Министерство за трговија и индустрија.
Новите санкции вклучуваат забрана за извоз на стоки во 49 организации во Русија, која ќе стапи на сила на 3 февруари. Се сугерираше дека овие видови стоки би можеле да се користат за подобрување на воениот потенцијал на Русија. Станува збор за стоки како што се водени топови, опрема што се користи за екстракција на гас, рентген, експлозиви и роботи, објаснија од јапонското министерство.
Освен тоа, Јапонија ќе го замрзне имотот на три руски организации и 22 руски физички лица.