Јапонија ќе започне овој месец, за прв пат по повеќе од две години, да пречекува странски туристи од четири земји – САД, Австралија, Тајланд и Сингапур – во форма на строго регулиран експеримент. Ова денеска го соопшти владата, пренесе АФП.
Туристите ќе го посетат архипелагот како дел од организираните екскурзии – ќе бидат придружувани од официјални водичи и ќе патуваат по однапред договорени рути. Сите ќе треба да се вакцинираат со три дози КОВИД-19 и да имаат приватно здравствено осигурување, соопшти Јапонската агенција за туризам.
На почетокот на пандемијата, Јапонија ги затвори вратите за странските туристи и неодамна почна да ги подига граничните бариери.
Премиерот Фумио Кишида е желен да ја отвори земјата уште повеќе, но мора да го земе предвид јавното расположение во Јапонија, каде што повеќето луѓе сè уште имаат резерви за ова прашање.
Од март, земјата повторно дозволи, на пример, патници кои пристигнуваат за бизнис, студенти и гастарбајтери, но со ограничени квоти – моментално 10.000 луѓе дневно. Според локалните медиуми, плафонот ќе биде двојно зголемен од јуни.
Досега Јапонија не дозволуваше влез на странски туристи, додека другите земји кои исто така воведоа строги ограничувања (Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Сингапур) беа отворени во последните месеци.
Пред пандемијата, Јапонија се повеќе се потпираше на туризмот за да ја одржи својата економија. Во 2019 година, земјата пречека 31,9 милиони гости од странство – нов рекорд и се надеваше на 40 милиони во 2020 година. Пандемијата ги спречи овие планови.
