Македонија

Јавниот долг намален за 3,8 процентни поени во третиот квартал

Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60% од БДП, определено со мастришкиот критериум на Европската Унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3 % од БДП. Ова ја покажува добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии и во време на пандемија, соопштуваат од Министерството за финансии.

Јавниот долг забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на вториот квартал од 2021 година, односно од 63,1 % колку што изнесува заклучно со вториот квартал. Согласно денеска објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6,950.7 милиони евра, додека на 30.06.2021 изнесувал 7,386.8 милиони евра.

Намалувањето на долгот се должи пред се на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа Еврообврзница беа обезбедени со издавање нова Еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 %.

Кризата предизвикана од Ковид 19 и справување со последиците наметна потреба од обезбедување дополнителни средства за мерки во здравствениот сектор и поддршка на економијата и граѓаните, што влијаеше на зголемување на долгот во скоро сите земји, вклучително и во нашата. Но исправните политики и навремените мерки кои изнесуваат над 1 милијарда евра, покажаа дека земјата се справува со кризата, а притоа обезбедува и фискална консолидација. Јавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2 %, во првиот квартал 2021 изнесува 61,2 %, во вториот квартал 63,1 % и сега на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3 %, велат од Министерството за финансии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни