Јавните обвинители реагираат по поделеното мислење во Уставниот суд: Загрозена е самостојноста на обвинителството

Јавните обвинители изразија загриженост по вчерашната расправа во Уставниот суд, каде уставните судии не успеаја да заземат конкретен став дали да се поведе постапка за оценување на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители. Според јавните обвинители, ваквото поделеност создава ризик за самостојноста и независноста на институцијата која според Уставот има посебна позиција во системот на поделба на власта.

„Принципот на самостојност на Јавното обвинителство произлегува од потребата за независност, особено во случаи кога предмет на гонење можат да бидат и носители на функции во другите власти“, се наведува во реакцијата на јавните обвинители. Тие истакнуваат дека дел од судиите сметаат дека на обвинителството не му е иманентна независност, иако самиот термин „самостоен државен орган“ го потврдува спротивното.

Јавните обвинители предупредуваат дека ризикот од директна контрола на извршната власт може да се манифестира не само преку законот за платите, туку и во сите други сегменти на јавнообвинителското работење. Таквото сценарио, според нив, би значело целосно нарушување на позицијата на Јавното обвинителство во системот на власта.

Во реакцијата се повикуваат и на меѓународните стандарди, меѓу кои „Прирачникот УНОДЦ за статусот и улогата на јавните обвинители“ на Обединетите нации и мислењата на Консултативниот совет на европските јавни обвинители, кои нагласуваат дека јавните обвинители мора да бидат заштитени од арбитрарни акции на извршната или законодавната власт и дека нивните плати и услови за работа не смее да се намалуваат произволно.

Јавните обвинители посочуваат дека ако Уставниот суд не ја гарантира независноста и самостојноста на институцијата, тие ќе бидат принудени да реагираат јавно и пред релевантните меѓународни организации за нарушување на демократските стандарди за поделба на власта.