ЈСП нема пари па на улиците нема автобуси, граѓаните чекаат 30-45 минути

Нема доволно автобуси на улиците во Скопје, па граѓаните чекаат на автобуските станици од 30 до 45 минути. Утрово екипата на 4News забележа дека на автобуската постојка во Тафталиџе кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ голем број граѓани чекаа 5-ка повеќе од половина час.

„Порано 5-ка имаше на 10 минути сега по пола саат чекаме. Секој ден е вака. Кога ќе дојде автобусот тој е преполн па голем дел од патниците не можат да се качат“, коментираа граѓаните.

ЈСП „Скопје“ се соочува со финансиски проблеми откако советниците во Советот на Град Скопје не го одобрија на два пати барањето на градоначалничката Данела Арсовска за субвенции во висина од 1,8 милиони евра. Тогаш секратарот на Град Скопје Зоран Глигоров и директорот на ЈСП „Скопје“ Крсте Петревски им велеа на советниците дека ако не се одобрат овие пари, претпријатието ќе се соочи со проблеми во работењето, нема да може да се подели плата и нема редовно да сообраќаат автобусите. Советниците им одговараа дека не може ЈСП постојано да бара субвенции, а градоначалничката Данела Арсовска да не се појавува на седници, ниту да добиваат одговори на прашањата поврзани со работењето на ЈСП.

Изминативе денови на големо се собираат пари од секундарната мрежа за продажба на билети за да може да се подели плата. Станува збор за приватните трафики и продавници кои продаваат билети. Сопствениците кои имаат долг добиваат пораки дека мораат веднаш да уплатат средствата од продажба оти ќе бадат исклучени од мрежата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното