Македонија

Кај Ристов и неговите родители пронајдени над 1,5 милион евра, одбраната тврди дека остануваат „само“ 570.000 евра за објаснување

Кај Ристов и неговите родители пронајдени над 1,5 милион евра, одбраната тврди дека остануваат „само“ 570.000 евра за објаснување

Во текот на денешното рочиште во предметот против апелациониот судија Ѓоко Ристов, во фокусот беа финансиските средства на судијата, неговата сопруга и членовите на семејството.

Според податоците презентирани во судницата, на сметките на Ристов во пет банки имало околу 25 милиони денари, додека на сметките на неговата сопруга Симона Ристова биле евидентирани околу 11 милиони денари. Вкупната сума од околу 36–37 милиони денари е приближно 600.000 евра.

Дополнително, во вкрстеното испрашување адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека кај мајката на Ристов, Донка Ристова, биле утврдени средства во износ од околу 975.000 евра.

Во судницата адвокатот нагласи дека, и покрај овие суми, според неговата пресметка остануваат „само“ околу 570.000 евра чие потекло треба дополнително да се објасни.

Вештакот Ѕвонко Кочовски, кој ги анализирал приходите, банкарските приливи и имотот на Ристов и неговата сопруга во периодот од 2016 до 2024 година, потврди дека не може да го утврди потеклото на средствата на судијата и членовите на неговото семејство.

Обвинителството, пак, претходно посочи дека нивните пријавени приходи не го оправдуваат износот од 350.000 евра, кои беа пронајдени во семејната куќа на Ристов во Неготино, скриени во дупка зад плочките во кујната.

Одбраната најави дека на следните рочишта ќе презентира свое вештачење со кое, како што тврди, ќе биде објаснето потеклото на средствата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни