Ако некој патник низ времето тргне од 1968 година и некако се најде на аеродром во 2018 година, многу работи ќе го изненадат и сигурно ќе биде зачуден од технологијата која ја поседуваме. Но, едно нешто кое се нема променето оттогаш досега се авионите.
Додека низ годините можеше да се забележи голем напредок во изработката на материјалите, моторите и авиониката, но патничките авиони и понатаму останаа структурно исти како оние од пред 50 години. Всушност, Boeing 737, еден од најпродаваните патнички авиони на сите времиња го забележа неговиот прв лет во 1967 година, а лета и понатаму.
Како би можеле да изгледаат патничките авиони за 50 години?
Низ годините беа направени многу обиди да се промени дизајнот на авионите, но сето тоа не наиде на особен успех. Во 1970-те на патниците им беше ветена суперсонична иднина на патување, но освен неколкуте комерцијални летови на Concorde и неговиот советски еквивалент, Tu-144, тоа не даде некој посебно добар резултат.
Комбинација од технички и финансиски причини ја доведоа авиоиндустријата да се откаже од овие експерименти и да се фокусира на дизајнот кој е норма и ден денес. Но, немојте да помислите дека авиоиндустријата во меѓувреме не забележува напредок. Големи измени следуваат, и се веднаш зад аголот.
Авионите кои ќе ја надлетуваат Земјата се веќе во производство, а главниот фокус е ставен на нивниот електричен погон. Електричниот сон продолжува да живее во авионската индустрија, и се очекува во наредните две децении електричните комерцијални летови да станат реалност. Помалите електрични мотори (како оној на прототипот X-57 на NASA) ќе бидат поекономични за изработка, но и за користење, па затоа ќе го променат начинот на кој патуваме и ќе ги намалат цените на билетите.
Како што се зголемува бројот на авиопревозници, се зголемува и бројот на произведени авиони. Но, се актуелизира прашањето: кој ќе ги вози сите овие авиони?
„Сегашните проценки се дека во наредните 20 години на глобално ниво ќе бидат потребни 600.000 пилоти, а сега во целиот свет постојат само 200.000 лиценцирани пилоти. Затоа ни е толку потребна автоматизација на пилотирањето“, вели Паскал Траверс генерален менаџер на одделот за автономија на Airbus.
Авионите без пилот наскоро ќе станат реалност, благодарение на трудот кој го вложуваат авиопроизводителите, како и развојот на вештачката интелигенција (AI). Сепак, иако голем напредок е забележан на тоа поле, нема да биде имплементирана технологија која целосно автономно ќе управува со авионот, туку ќе има т.н. „безбедносен пилот“ кој ќе седи во кабината за да ја надгледува ситуацијата. Целосно автономни авиони сѐ уште не се на радарот на иднината.
Големо внимание се обрнува на удобноста на патниците, како и максималниот капацитет на авионите. Минатата недела зборувавме за обидот на Airbus да обезбеди дополнителна комоција за патниците со тоа што ќе им дозволи да спијат во посебни кабини стационирани во карго-одделот од авионот. Новиот развој на електричните мотори ќе ослободи поголем простор за сместување на патници, па може да се очекуваат и измени во полето на дизајнот на самите авиони.
Авионските компании бараат нови начини да направат нивните патници да бидат позадоволни и да се чувстуваат поудобно во нивните авиони, па затоа се очекува и компаниите кои произведуваат авиони да соработуваат и заедно со нив да пружат најголемо задоволство на почитуваниот патник.


