Музика и Филм

Како „Живети слободно“ на Балашевиќ стана симбол на протестите во Србија

Како „Живети слободно“ на Балашевиќ стана симбол на протестите во Србија

Песната „Живети слободно“ на Ѓорѓе Балашевиќ повторно се слуша на протестите во Србија, поврзувајќи ги очекувањата на денешните студенти и граѓани со надежите на генерацијата што ги доживеа политичките промени во 2000 година. Создадена по деценија обележана со војни, санкции и изолација, нејзината порака за слободен и нормален живот добива ново значење, пишува „Сити магазин“.

Балашевиќ ја објави песната на албумот „Деведесетте“ во 2000 година, во пресрет на промените што кулминираа на 5 октомври со падот на Слободан Милошевиќ од власт. Албумот е меѓу неговите најдиректни музички осврти на политичките и општествените состојби во тоа време.

„Живети слободно“ била посветена на движењето „Отпор“, кое ги обединуваше противниците на режимот на Милошевиќ. Набргу го надминала просторот на музичкото издание и станала дел од протестите и атмосферата во која се очекувале промени.

Во декември 2000 година, во организација на „Отпор“, Балашевиќ го одржал својот стоти белградски концерт во Народниот театар. Настанот симболично бил претставен како враќање на институцијата на граѓаните.

За тоа што сакал да го порача со песната, кантавторот зборувал во интервју за порталот „ДЕПО“, објаснувајќи дека очекувањата од политичките промени биле насочени кон поинакво секојдневие.

„Очекувавме промена како во Чешка, животот да тргне нормално. Не дека ќе бидеме велесила, што многумина погрешно, митолошки си го всадуваат во главата, туку дека ќе живееме нормално. Јас тоа и го кажав во песната ‘Живети слободно’“, изјавил Балашевиќ.

Во неговото објаснување, слободата значела и можност за живот без страв и изолација, со отвореност кон светот. Токму таа желба за нормалност ѝ овозможила на песната да остане разбирлива и за генерации што не го паметат времето во кое настанала.

Балашевиќ, сепак, не го идеализирал ниту периодот по падот на Милошевиќ. Зборувал и за разочарувањето од промените, укажувајќи дека самата смена на власта не ги решава сите општествени проблеми.

Со општествено ангажирани песни продолжил и подоцна. Меѓу нив е „Дно дна“, објавена во 2017 година. Во разговор за „Мој Нови Сад“, објаснил дека чувствувал потреба преку музиката да проговори за прашања што ги сметал за важни, потсетувајќи и на претходните песни „Треќа смена“, „Не кршете ми ги багремите“ и „Живети слободно“.

Според „Сити магазин“, враќањето на „Живети слободно“ на улиците и на социјалните мрежи покажува дека публиката во неа ги препознава и сопствените очекувања. За едни таа е сеќавање на претходните политички промени, а за други — израз на надежта дека е можен послободен и подостоинствен живот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни