Министерството за внатрешни работи преку предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предлага уредување на правната рамка за проектот „Безбеден град“, со кој полицијата ќе може да користи камери и техничка опрема за документирање на сообраќајни прекршоци. Предлог-измените се поставени на јавна расправа на платформата ЕНЕР и предвидуваат низа новини кои треба да го подобрат надзорот и санкционирањето на сообраќајните прекршители.
Според предложениот текст, во Законот се додава нова глава што уредува како се регистрираат прекршоци преку технички средства и уреди за снимање – фото и видео-докази. Овие снимки ќе претставуваат веродостојна исправа и ќе служат како основа за издавање на прекршочен платен налог, кој ќе се доставува по пошта. Полициските службеници, како и одделни овластени единици при МВР, ќе имаат право да ги користат снимките за да изготват и достават казна до возачот или сопственикот на возилото.
Законот прецизира и дека за снимени прекршоци нема да биде потребен полициски службеник непосредно присутен на лице место, што значи дека надзорот ќе може да се врши 24 часа преку автоматизирани системи. Прекршоците ќе се евидентираат со точен датум, време и локација, а МВР ќе има обврска доказите да ги чува најмалку 90 дена.
Освен ова, се воведуваат и дефиниции како „зона 30“ (делови со ограничување на брзината до 30 км/ч), „мерки за забавување на сообраќајот“ (легнати полицајци, кружен тек, остров), и „проширување на коловоз“. Со тоа се создава можност во овие зони дополнително да се засили контрола преку автоматски надзор.
Посебно значајна е одредбата со која 25% од средствата собрани од казните за вакви прекршоци ќе се уплаќаат на сметка на МВР и ќе се користат за одржување, надградба и проширување на системите за надзор. Министерството смета дека ваквиот пристап ќе обезбеди долгорочна одржливост на проектот „Безбеден град“.
Според Извештајот за проценка на влијанието на регулативата, предложените измени нема да создадат дополнителни фискални трошоци за буџетот, а се очекува значителен позитивен ефект врз безбедноста во сообраќајот.
Дел од предложените законски решенија би стапиле на сила во октомври 2025 година, додека другите одредби се предвидува да се применуваат од јануари 2026 година. До тогаш, институциите ќе треба да се подготват со потребната опрема, системи и обуки за имплементација на новиот модел на надзор.